Проф. д-р Весна Борозан

Телефон: 3099-122
e-mail: vesnab@feit.ukim.edu.mk

Весна Борозан е родена во Ресен, Република Македионија, на 24.04.1962 година. Дипломирала и магистрирала на Електротехничкиот факултет во Скопје, во 1986 година и 1992 година, респективно и докторирала во 1996 година на Електротехничкиот факултет во Белград. Од 1987 година е вработена на Електротехничкиот факултет во Скопје во звање помлад асистент, подоцна Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), каде е непрекинато избирана во последователни наставно-научни звања. Во последното наставно-научно звање, редовен професор, е избрана во 2014 година.

Во текот на 1997 година имала студиски престој на Државниот универзитет на Северна Каролина, САД, во звањето пост-докторант, а во 1999 година била визитинг професор на Папскиот католички универзитет во Сантијаго де Чиле, Чиле. Во текот на 2001 година имала двомесечен студиски престој за развој на нови наставни програми на Државниот технички универзитет на Атина, Грција. Подоцна, била раководител или учесник на повеќе меѓународни и државни проекти со цел унапредување на знаењата и практиките од соодветната област и е автор или коавтор на повеќе од стотина научноистражувачки трудови. Тековно, од страна на УКИМ, таа е раководител на научно-истражувачкиот проект CROSSBOW од програмата Н2020 на Европската унија.

Од мај 2006 година до јуни 2010,  д-р Весна Борозан ја извршуваше функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Австрија, Чешката Република, Словачка Република и Јапонија.

Нејзин главен сегашен истражувачки интерес се пазарното стопанисување со електрична енергија и соодветната регулатива, вклучувањето на обновливи извори на електрична енергија во дистрибутивни мрежи и микро-мрежите.

Проф. Весна Борозан е претседател на студискиот комитет Ц5 на МАКО СИГРЕ и SM IEEE. Истражувачки области: пазарно стопанисување со електрична енергија, вклучување на обновливи извори на електрична енергија во дистрибутивни мрежи, микро-мрежи, методи за следење и оптимално водење на дистрибутивни електроенергетски системи, режими на работа на електроенергетски системи.

© ФЕИТ-ПЕЕС, 2012.