Институт за ПЕЕС

Лаборатории на ПЕЕС

Во рамките на Институтот за ПЕЕС функционираат три лаборатории:

Деталите за секоја од нив се дадени во текстот којшто следува.

Висок напон

Телефон: 3099-125
Раководител: проф. д-р Ристо Ачковски
e-mail: acko@feit.ukim.edu.mk

Лабораторијата за висок напон (ЛВН) е формирана во 1967 година и нејзин прв раководител бил проф. д-р Александар Величковски. Во 1972 година за раководител на ЛВН бил назначен проф. д-р Ристо Миновски, тогашен асистент при Катедрата за пренос на електрична енергија. Од 2006 година раководител на Лабораторијата е проф. д-р Ристо Ачковски.

Во оваа лабораторија од нејзиното постоење па сè до денес паралелно се одвиваат следните видови дејности: наставна, научно-истражувачка и аплика-тивна дејност. Затоа ЛВН е конципирана за да ги постигне следните цели: да обезбеди квалитетен наставен процес од наставно-научната област техника на висок напон за студентите од електроенергетските насоки на ФЕИТ; да врши научно-истражувачки проекти од доменот на примена на јаките електрични полиња; да нуди и реализира услуги на стопанските организации (производни гранки и стопанството).

Повеќе од триесет години во Лабораторијата за висок напон студентите од електроенергетските насоки се образуваат од областа на јаките електрични полиња, односно од областа на високите напони. Во Лабораторијата е изработен голем број дипломски работи, магистерски работи и неколку докторски дисертации. Соработниците на ЛВН објавиле голем број трудови во списанија и на разни советувања (домашни и странски), од областите: атмосферски и внатрешни пренапони, координација на изолацијата, високонапонска мерна техника, искуства од експлоатација на опремата во ЕЕС, изолациони системи на опремата и др.

Паралелно со одвивањето на наставниот процес и едукацијата на студентите во доменот на високиот напон, во рамките на додипломските и постдипломските студии на Факултетот, како и за потребите на стопанството, во изминатиот 40-годишен период е вршен и голем број научно-истражувачки зафати, финансирани претежно од стопанството. Покрај теориските истражувања, во ЛВН се вршеа и низа лабораториски истражувања во доменот на изолационите конструкции на елементите од ЕЕС кои имаа за цел да овозможат подобрување на карактеристиките и материјалите за производство на домашните производители на електротехничка опрема (антистатички подови, аралдитни смоли и сл.). Истражувања, повторно за потребите на домашните производители, се вршени и во конструкциите и технологиите на производство, на кабелски глави за 20 kV, порцелански спроводни изолатори, потпорни и спроводни изолатори сè до најголем погонски напон 38 kV, разделувачи и разделувачи на моќност сè до најголем погонски напон 24 kV, изолациони конструкции за осигурувачи за најголем напон до 24 kV, разводни ќелии за напон до 38 kV и мерни трансформатори за напони до 38 kV.

Во рамките на оваа лабораторија во изминатиот период е реализиран голем број проекти, преку кои е проценувана состојбата на изолационите системи на: речиси сите генератори од ЕЕС на РМ, на енергетските и мерните трансформатори, кондензатори, кабли, водови, одводници на пренапони и др. Со тоа е постигнато, преку однапред испланирана и дефинирана зачестеност на таквите испитувања и анализи, наменски да се следи најосетливиот дел од опремата и притоа навреме да се интервенира, со што се обезбедува програмиран пристап при ревитализацијата и се спречуваат непредвидените хаварии и испади на елементите од електроенергетскиот систем.

Поважни проекти и испитувања извршени во рамките на апликативната дејност на ЛВН во изминатиот 40-годишен период се следните: ревитализацијата на изолационите системи на двата генератора во ХЕЦ „Глобочица“, првиот генератор во ХЕЦ „Шпилје“; ревитализација на поголем број трансформатори и одводници на пренапони; следење на карактеристиките на изолационите системи на статорските намотки на сите витални гене-раторски единици во ЕСМ; следење на квалитетот на изолацијата на сите блок-трансформатори во електричните централи и голем број енергетски трансформатори 400/115/31,5; 220/110/10 и 110/X/Y kV во ЕСМ; усовршување и верификација на мерните процедури; усвојување и иновирање на критериумите за квалитет на изолацијата на опремата; следење на квалитетот на изолационите системи на 20 големи хидро и турбогенератори и над 60 енергетски трансформатори; изградба на одделение за истражување на масло-хар-тиена изолација со чија помош досега успешно се ревитализирани околу 80 мерни трансформатори; развивање на постапка за мерење и анализа на карактеристиките на парцијалните празнења; мерење на капацитивноста и мерење на диелектричните загуби на ВН изолациони системи и др. Покрај работата на овие ипитувања со коишто е опфатена клучната опрема од ЕЕС на Македонија, во континуитет се вршеа рутински испитувања на изолационите карактеристики на ВН и СН изолаторски вериги, мерни трансформатори, одводници на пренапони, изолациони масла, изолациона и ХТЗ опрема и др.

ЛВН располага со високопрофесионална мерна опрема, како и со долгогодишното искуство во научно-техничките истражувања. Учесниците во нејзината работа имаат темелни познавања на сложената мерна опрема и успешно излегуваат на крај со толкувањето на резултатите од испитувањата. Лабораторијата е опремена со следната опрема: двостепена каскада за добивање висок наизменичен напон, 50 Hz, (400 kV, 200 kVA); генератор за добивање ударни напони (600 kV, 4 kJ, 8 степени) и стандарден облик на ударниот напон 1,2/50 μs; мобилни уреди за добивање високи напони и тоа: наизменичен: (50 kV, 4 kVA; 66 kV, 1 kVA; 20 kV, 5 kVA; 22 kV, 15 kVA) и еднонасочен, полупериодно исправен напон (100 kV, 1 mA); нисконапонска придушница; постројка за мерење на карактеристиките на парцијалните празнења; постројка за мерење на капацитивноста и аголот на диелектричните загуби; шерингов мост; постројка за испитување на карактерис-тиките на изолационо масло; друга опрема (лабораториско возило, постројка за ре-витализација на мерни трансформатори со масло-хартиена изолација, репетиционен ударен генератор 500 V, неколку гигаомметри, осцилоскопи, волтметри, амперметри, компјутери, модели и друга придружна опрема). Параметрите на основната испитна опрема (трансформаторска каскада и генератор за ударен напон) се избрани така што ги задоволуваат стандардните испитни напони според IEC 71-1 за електроенергетската опрема со најголем напон на мрежата 123 kV.

Со посебни залагања, со средства од апликативната дејност, дополнително е изградена постројка за филтрирање и вакумирање на изолациони масла. Во Лабораторијата е изграден анекс каде што се истражува и ревитализира масло-хартиената изолација, пред сè изолацијата на високонапонските мерни трансформатори. Покрај висококвалитетната постројка за вакумирање и филтрирање, изградена и е печка за сушење на изолацијата.

Освен ова, во Лабораторијата се конструирани и реализирани: уред за мерење високи отпорности на изолацијата; ВН испитен транформатор 20 kV, 5,5 kVA; ВН испитен трансфо-рматор, 20 kV, 20 kVA; регулациона придушница за компензација на реактивната моќност за потребите на теренските високонапонски испитувања на големи капацитети; уред за испитување на карактеристиките на трансформаторското масло; делител за напони до 100 kV; разни приклучни уреди; уред за испитување на изолациони теписи и др.

Електротехнички материјали

Телефон: 3099-123
Раководител: проф. д-р Љубомир Николоски
e-mail: nljube@feit.ukim.edu.mk

Пазари на електрична енергија

Телефон: 3099-122
Раководител: вон. проф. д-р Весна Борозан
e-mail: vesnab@feit.ukim.edu.mk

© ФЕИТ-ПЕЕС, 2012.