Проф. д-р Ристо Миновски

Роден е во 1941 во с. Езерец, Костурско. Дипломирал на Електро-машинскиот факултет во Скопје во 1964. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1973, а докторирал на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1977. Во 1967 година се вработил на Електро-машинскиот факултет во Скопје во звањето асистент. Во наставнички звања напредувал: доцент (1973), вонреден професор (1979) и редовен професор (1984). Во својата четиресетгодишна кариера бил носител на сите раководни функции: декан на Факултетот во два мандата (1980-84), продекан за финансии (1979-80), раководител на Институтот за ПЕЕС, раководител на Лабораторијата за висок напон од 1971 година до пензионирањето, претседател на Факултетскиот совет и др. Под негово менторство се изработени и одбранети два доктората. Го формирал здружението на електроенергетичари MAKO CIGRE, во 1994. Раководел со него до 2004 год. Во 1982 год. го добил највисокото републичко признание, наградата „11 Октомври” за наука, за монографијата „Бранови процеси во разводни постројки”. Раководел со изработка на преку 50 студии од областа на пренапони и координација на изолацијата и на преку 2000 стручни извештаи за испитување на опрема. Автор/коавтор е на преку 60 трудови, шест книги и една монографија. Лабораторијата за висок напон, со која тој раководел, стана лабораторија која на високо професионално ниво ги негува наставната, научната и апликативната дејност. Областа техника на висок напон му била негова потесна научно-стручна специјалност во текот на сите години. Пензиониран е во 2006 година.

© ФЕИТ-ПЕЕС, 2012.