Проф. д-р Драгослав Рајичиќ

Роден е во 1935 во Салаш, Р Србија. Завршил Виша педагошка школа во Белград во 1955 година. Во 1963 год. бил првиот дипломиран инженер на електротехничкиот оддел на Техничкиот факултет во Скопје. Магистрирал и докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1970 и 1978 година. Работел во Скопје како наставник во основни училишта (1956-1962) и како проектант во „Електромакедонија“ (1963-1965). На Факултетот е вработен како асистент во 1965 година. Во професионалната кариера напредувал во звањата доцент (1970), виш предавач (1975) и редовен професор (1979). Бил продекан на Електро-машинскиот факултет, помошник директор на УЦМТН, раководител на Институтот за електроенергетика, претседател на Советот на Факултетот и др. Доделено му е признание за завршени студии со најдобар успех од основањето на Факултетот до 1968/69. Македонската секција на IЕЕЕ му го доделила признанието истакнат инженер. Македонскиот комитет на CIGRE го прогласил за почесен член. По покана, резултатите од својата научно-истражувачка работа ги презентирал на: Државниот универзитет на Аризона, Универзитетот на Тексас во Арлингтон, Државниот универзитет на Вашингтон и Техничкиот факултет во Нови Сад. Автор е на три универзитетски учебници и коавтор на четвртиот. Како автор/коавтор објавил повеќе од 30 трудови во списанија, од кои 8 во IEEE Transactions, еден во IEEE Power Engineering Review и еден во Electric Power System Research. На конференции, симпозиуми и советувања (од кои над 20 меѓународни) објавил повеќе од 50 трудови. Коавтор е на три научно-истражувачки проекти. Учествувал во изработка на повеќе од 60 студии, анализи и проекти, во кои главно се обработуваат актуелни проблеми и проблеми на развојот на електроенергетските мрежи во Македонија. Пензиониран е во 1997 година.

© ФЕИТ-ПЕЕС, 2012.