Проф. д-р Александар Величковски

Роден е во 1915 година во с. Голема Црцорија, Крива Паланка. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1952 година. Докторирал на истиот факултет во 1981 година. Учесник е во НОБ од 1944 година. По завршувањето на студиите работел во главната дирекција на Електростопанство на Македонија, во Советот за стопанство при Извршниот совет и во Заводот за стопанско планирање на Македонија. На Факултетот е вработен како доцент во 1961 година, а звањата вонреден професор и редовен професор ги стекнал во 1963 и во 1972 година. Ги извршувал функциите продекан на Техничкиот факултет и декан на Електро-машинскиот факултет. За време на целото свое работење на Факултетот бил раководител на Катедрата за пренос на електрична енергија. Во 1968 година ја оформил Лабораторијата за висок напон и станал нејзин прв раководител. Во 1968 година тој бил иницијатор за набавка на сметачот IBM 1130 за потребите на Факултетот, кој воедно бил првиот дигитален сметач донесен во Македонија. Држел настава по предметите електрични мрежи, пренос на електрична енергија, надземни водови и режими на работа на ЕЕС. Автор е на поголем број учебници и учебни помагала. Пензиониран е во 1981 година. Починал во 1998 година.

© ФЕИТ-ПЕЕС, 2012.